PDF Печати Е-пошта

Кои се најчестите причини за губење на забите?

Најчестите причини за губење на забите се забниот кариес и пародонтопатијата. Овие две заболувања процентуално спаѓаат во најчестите заболувања кои се појавуваат во човековиот организам, па затоа голем е процентот на луѓе кои ги изгубиле забите поради нив. Кариесот, односно неговите компликации, најчесто претставуваат причина за губење на забите во детска возраст, додека пародонтопатијата е најчеста причина за губење на забите во поодминатите години.

Што претставува кариес?

Забниот кариес (расипување на забите), претставува најчесто заболување кај човековиот род. Се карактеризира со настанување на кавитети (нарушувања) на површината на забниот емајл – глеѓ, кое со тек на време продолжува да го разградува ткивото под забната глеѓ (дентинот), и ако остане нелекуван, го зафаќа пулпното ткиво и предизвикува негово воспалување.

Кој го предизвикува и како настанува? Настанува како резултат на нагризување на забната супстанца од страна на киселини. Имено, на површината на забот секојдневно се формира една тенка, безбојна наслага наречена забен плак. Составена е од материи кои потекнуваат од плунката, во нив се вградуваат шеќери по потекло од храната, и се населуваат бактерии. Бактериите како своја храна ги користат шеќерите внесени со исхраната, при што како страничен продукт се формираат киселини кои вршат нагризување на забната супстанца - деминерализација. Процесот на разградување – деминерализација, е постојано следен со процес на повторно вградување на разградените елементи – реминерализација.

karies

Меѓутоа, ако пациентот недоволно одржува орална хигиена (четкање на забите, употреба на забен конец), забниот плак се наталожува на забите, бактериите непрестајно создаваат киселини, и преовладува процесот на разградување – деминерализација, со што настанува разрушување на забната површина и настанување на кариес.

Дали може да се спречи? Секако дека може!! Тоа е и главната цел на стоматолозите ширум светот. Со спроведување на едноставни мерки, кариесот многу лесно може да се спречи. Работата на вашиот стоматолог е да ве советува и да превземе едноставни постапки, а исходот од овие превентивни мерки зависи најмногу од Вас. Стоматологот ќе ви даде совети за правилна исхрана, за правилно одржување орална хигиена, за редовни контроли, користење на флуоридни таблетки, а Ваше е само да ги спроведете, и многу едноставно да се заштитите од понатамошни компликации и финансиски трошоци. Доколку кариесот веќе настанал, изгубеното ткиво не може да се поврати (претставува неповратен – иреверзибилен процес), па истото се отстранува и се заменува со соодветно полнење (пломба).

Како и колку често да ги четкам забите?

Четкањето на забите претставува едноставна постапка со која може да се постигне многу. Тоа треба да претстаува ритуал кој детето уште од мало треба да го научи, и како рутинска постапка да го применува секојдневно. Сите од нас ги четкаме забите, но дали тоа го правиме правилно и доволно често? Четкањето на забите треба да се изведува после секое јадење, но општо е земено тоа да се прави по 3 пати на ден после секој од главните оброци. За да се исчисти темелно секоја површина од забот, треба да се спроведува правилно и доволно долго. Обично времето од 3-5 мин се смета дека е доволно за добро чистење на забните површини.

Техника на четкање. Постојат повеќе техники на четкање, секоја со различна намена, но тука ќе ја опишеме техниката за која сметаме дека најдобро и најлесно ќе ги исчисти вашите заби. Четкањето на забите не треба да се изведува хоризонтално (како што повеќето тоа го прават), туку тоа треба да се прави вертикално (од горе кон долу – за горните заби, и од долу кон горе – за долните заби). Влакната на четката се поставуваат по агол од 45º во однос на забот и со отсечни движења се чисти површината на забот. Тоа се повторува по 6 пати за секоја регија. Она што сите го забораваат е четкањето на јазикот. Тоа претставува многу важна постапка, затоа што голем дел од наслагите се таложат токму на јазикот. Со помош на обичната четка за заби, или со специјални четки за јазик се исчеткува јазикот неколку пати од назад кон напред.

cetkanje

Од која возраст да се почне со четкањето на забите?

Апсолутно, хигиената на забите во устата треба да се почне од првиот момент одкако ќе се појават во устата. Значи после појавување на првото запче кај Вашето дете (околу 6 месеци), консултирајте се со Вашиот стоматолог, и веднаш започнете со спроведување на орална хигиена. Секако дека во тој период четкањето на забите не се спроведува со оној интензитет како кај возрасните. После секој оброк, со помош на вата намотана на стапче и со вода да се пребришат површините на присутните заби. Тоа се прави се до онаа возраст кога детето ќе може само да ја научи техниката за четкање на забите. На четката за заби се става паста (во помала количина – колку здрно грашак). Со цел подобро да го совладаат и научат четкањето на забите, на децата им кажуваме да ги четкаат забите колку што трае една песна (3-5мин), и четкањето да го прават како што врне дождот (од горе кон долу) за горни заби, и како што расте тревата (од долу кон горе) за долни заби. При тоа тие треба да употребуваат помеки четки, и пасти со благ вкус.

vozrast-cetkanje

Дали употребата на флуориди е безбедна за моето дете?

Апсолутно да! Употребата на флуориди секаде во светот се смета дека претставува една од најуспешните превентиви постапки која помага во спречувањето на настанувањето на кариесот доколку се користи правилно. Сите факти дека флуорот е штетен елемент, и дека делува токсично на организмот се точни, но само во случај ако се употреби во поголеми концентрации, баш како и повеќето други елемен. Токму затоа, тој во овие цели се употребува во строго контролирани концентрации, и можноста за грешка се сведува на минимум.

Имено, флуорот претставува елемент кој се вградува во забното ткиво при што се формира едно комплексно соединение кое е поцврсто и поотпорно од забното ткиво. Затоа неговиот ефект е најефикасен кога се употребува за време на изградувањето на забите на Вашето дете, што значи дека започнува за време на бременоста на мајката (4 месец), а завршува околу 12-14 години кога се формира последниот заб. На многу места во светот, употребата на флуориди е решена со флуорирање на водата за пиење од водоводната мрежа, флуорирање на солта за јадење, флуорирање на млекото за пиење во градинките (што беше случај и во нашата држава). Меѓутоа, во моментов тоа кај нас не се изведува ни една од овие постапки, па затоа постои начин флуорот да се внесува преку флуоридни таблетки, создадени исклучиво за таа намена. Концентрацијата на истите ја препишува Вашиот гинеколог за време на бременоста (4 месец) а подоцна стоматологот на Вашето дете. Употребата на флуоридите е одобрена од голем број на стоматолошки асоцијации ширум светот, неговиот ефект е целосно испитан, и во концентрациите во кои се користи, е сосема безбеден за здравјето на Вашето дете.

Што претставува пародонтопатијата (парадентоза)?

Пародонтопатијата или во народот позната како парадентоза, претставува тивка епидемија која во различен степен, зафаќа преку 90 % од целокупното население во државава. Кај дел од нив, каде што оснанува нетретирана, или не реагира на третман, завршува со компликации кои резултираат со губиток на забите. Постојат повеќе подтипови и степени на ова заболување, меѓутоа она за која најчесто се зборува и која е најраспространета е т.н. Хронична пародонтопатија.

Што го предизвикува ова заболување и како настанува? Директен предизвикувач на пародонтопатијата претставуваат специфични видови на бактерии сместени во забниот плак (тенка, безбојна наслага која се таложи на површините на забите). Имено, тие бактерии создаваат меѓусоединенија кои штетно делуваат на гингивата (непцето) и предизвикуваат нејзино воспаление. Доколку не се отстрани забниот плак, воспалението продолжува да се шири, го зафаќа потпорниот апарат на забот (оние елементи кои го држат забот во својата чашка), коската почнува да се ресорбира (разградува), и нецето останува без сопствена подлога и постепено се повлекува. Овие процеси, доколку не се спречат, напредуваат, се до оној момент додека забот се расклати доволно, па неговото вадење претставува единствено решение.

Дали може да се спречи и излекува? Обично за пародонтопатијата се вели дека се лечи, но дали ќе се излекува зависи од многу фактори, а пред се од дисциплината на пациентот. Факт е дека веќе изгубеното ткиво не може да се врати по природен пат. Но со одржување на правилна орална хигиена, може лесно да се спречи да не настане ова заболување, а доколку настане, со редовни и едноставни тераписки постапки, ова заболување може да се одржува во латентна (мирна) фаза и да се спречи неговото напредување.

Како да го препознаам? Токму поради фактот што во почетокот не дава некои посебни и забележителни симптоми, ова заболување се нарекува тивка епидемија. Своите посериозни клинички знаци кои ќе го натераат пациентот да се јави кај својот стоматолог, се јавуваат веќе кога ќе настанат компликации, и кога не може многу да се направи за излекување на пародонтопатијата. Првите промени се јавуваат на гингивите (непцата) и пациентот може да го забележи тоа како промена на бојата (нормално-розево, болно-црвено). Болка обично нема, и токму поради тоа пациентот не се јавува кај стоматолог. Подоцна се јавува крварење при четкањето на забите, повлекување на непцата, расклатување на забите, лош здив, за да на крај нелекувано заврши со губење на забите. Стекнувањето на навики за правилна орална хигиена, употребата на дополнителни средства за хигиена (забен конец, меѓузабни четки, водички за испирање), како и редовните контролни прегледи, нема да дозволат ова заболување да настане или да се прошири.

paradentoza

Дали и кога да употребувам дополнителни средства за орална хигиена?

Користењето на четка и паста за заби претставуваат основни постапки за орална хигиена, за кои се покажало дека не се доволни во обезбедување на целосно чистење на забните површини. Со четката се чистат само оние површини на забите кои се изложени, односно, кои се гледаат, додека оние површини кои се скриени (страните на забите кои се свртени една кон друга), остануваат неисчистени. Исто така, чистењето на јазикот претставува многу важна фаза во процесот на одржување на оралната хигиена. Проблем за користење на обичните четки за заби имаат и ментално и физички хендикепираните лица. Токму за овие потреби постојат дополнителни средства за орална хигиена, кои се препорачуваат да се користат за секојдневна употреба. Како дополнителни средства за орална хигиена се сметаат забниот конец, забната трака, меѓузабни четки, чистач за јазик и водички за испирање.

Забниот конец, забната трака и меѓузабните четки претстауваат ефикасни средства со кои се отстрануваат забните наслаги од страничните површини на забите (оние кои гледаат една кон друга). Конецот и траката се користат кај пациенти кои имаат збиен забен низ, додека за истата намена, кај оние лица кај кои има простор помеѓу забите, или кај кои е повлечена гингивата (непцето) се користат меѓузабните четки. За начинот на нивно користење обратете се кај Вашиот стоматолог, и тој ќе ве обучи како правилно и безбедно да ги користите.

Чистачот за јазик претставува посебен инструмент со кој се чисти горната површина на јазикот од насобраните наслаги од храна, плак, бактерии и одлупени клетки. Имено јазикот на својата горна површина има ресички (папили) кои му даваат карактеристична текстура на која многу лесно се задржуваат остатоци од храна, кои подоцна биваат разградени од бактериите и создаваат штетни продукти, кои се најчести причинители за повеќето болести на устата и забите. Токму затоа чистењето на јазикот е постапка која треба секојдневно да се изведува.

Водичките за испирање на уста ги има од најразлично потекло, со најразличен состав. Важно за нив да се знае е дека треба да се избегнуваат водични кои се на база на алкохол, затоа што истите ја иритираат лигавицата, и можат да направат оштетувања на неа. Во денешно време, поголемиот дел од водичките за испирање се на база на хлорхексидин глуконат, кој што ги нема негативните својства на алкохолот, а е делотворен за отстранување на забните наслаги. Овие средства се препорачуваат пред се кај индивидуи кои се ментално или физички хендикепирани, и кои не можат да ги спроведуваат стандардните техники за одржување на оралната хигиена, а се употребуваат и кај останатите лица како дополнително средство за орална хигиена.

cistenje1

cistenje2

Дали белењето на забите е штетно?

Во потрага по поубава насмевка, пациентите се повеќе се интересираат и се информираат околу постапката за белење на забите, но многу малку се запознаени со начинот на кој се изведува таа постапка. Имено, причините поради кои може да се појават пребојувања на забите се најразлични, но може да се поделат во две главни групи: надворешни и внатрешни фактори. Важно е да се знае дека со стандардната постапка на белење на заби може да се делува само на пребојувањата кои настанале од надворешни фактори (пигменти, кафе, чај, бактерии) додека на пребојувањата настанати поради внатрешни фактори (тетрациклински пребојувања, флуороза) многу потешко може да се делува.

Постојат голем број на средства кои се користат за оваа намена, но сите од нив во нивниот состав како главна состојка користат водороден пероксид или карбамид пероксид. Некои од нив се наменети за домашна употреба (со помала концентрација на активната состојка), а некои за професионална употреба (поголема концентрација на активната состојка). Иако постојат некои помали ризици при изведување на постапката за белење на забите, ако се изведе според сите правила, се смета дека е потполно безбедна. Имено, при професионалното белење на забите (со поголема концентрација на активна состојка) може да настанат оштетувања на непцето (гингивата) и затоа Вашиот стоматолог секогаш  пред почетокот на постапката соодветно ќе ја заштити гингивата, со што се поништува ризикот за нејзино оштетување. Исто така, подолгото делување на средството за белење може штетно да делува на пулпиното ткиво на забот, но  затоа оваа постапка секогаш се изведува во строго пропишани временски ограничувања. И на крај, како и при секоја постапка, на пациентот треба да му се објасни дека секогаш постои ризик за неуспех на истата, и за  повторно пребојување на забите.

Дали и колку се штетни рентгенските (X зраци) кои се користат за снимање на забите?

Често пациентите се запрашуваат дали е штетно зрачењето кое го добиваат за време на рентгенското снимање (во понатамошниот текст – РТГ) на забите. Одговорот е НЕ. Рентген зраците (Х зраците) сами по себе се штетни за човечкиот организам. Меѓутоа, за РТГ на заби (за разлика од РТГ на останатите делови од телото) се користат зраци целно насочени кон забите, и со многу кратко време на експозиција, така да во денешно време РТГ на заби е безопасна постапка. Доста често копјата се кршат околу употребата на рентген зраците кај бремени жени. Познато е дека Х зраците го оштетуваат плодот, особено ако се употребуваат во првите три месеци од бременоста. Но исто така се знае дека, при РТГ на заби изложеноста е 56 000 пати помала за разлика од истата при РТГ на дигестивен систем, 800 пати помала од таа при РТГ на гради, и 40 пати помала од секојдневната експозиција на овие зраци. Според ова, денес се смета дека РТГ на забите претставува сигурна постапка дури и за бремени жени. Сепак Ве советуваме да го известите Вашиот доктор, дококу сте во гравидна состојба, па тој ќе одлучи за понатамошната постапка, и кои заштитни мерки ќе ги превземе.

Што се залевачи, и кога и каде се употребуваат?

Една од главните превентивни постапки за спречување на кариесот која во денешно време активно и успешно се користи претставува залевањето на фисурите и јамичките. Имено фисурите и јамичките претставуваат претставуваат анатомски вдлабнувања на забите. Како такви во нив најмногу се задржува храна, бактерии, и претставуваат слаби точки за отпочнување на кариозниот процес. Процентуално гледано, кариесот најчесто се јавува на овие места. Токму затоа се препорачува нивно превентивно запечатување, односно изведување на постапка позната како превентивно залевање на фисури. Оваа превентивна постапка се препорачува да се прави кај сите деца, веднаш после изникнувањето на трајните заби, и тоа на преткатниците и катниците. Постапката е потполно безбедна, безболна и многу брзо се изведува, а резултатите од неа (значително намалување на стапката на кариес) се видливи и многу корисни.

zalevaci

Дали амалгамските полнења (пломби) се штетни?

Амалгамот хемиски претставува легура на живата (како течен метал) со други метали. Денталниот амалгам кој се користи во стоматологијата како материјал за дефинитивно полнење на кавитетите при терапија на кариозните заболувања, покрај живата, содржи уште и калај, бакар, сребро и други метали во трагови. Живата докажано е дека делува токсично на организмот и токму поради тоа долги години се кршеле копјата околу тоа дали амалгамските пломби во устата на пациентот можат штетно да се одразат врз општото здравје на пациентот. Дури и се стигнало до таму да денталниот амалгам во некои земји се забрани за употреба.
Откако амалгамот почна да се изучува и споменува како историски материјал во стоматологијата се увидело дека има некои карактеристики кои не можат да се заменат со новите материјали, па испитувањата околу неговата штетност се интензивирале и продлабочиле. Денес голем број на научни испитувања укажуваат на тоа се дека количеството на жива која се ослободува од амалгамските полнења е пониско од она количество на жива кое ние секојдневно го примаме од надворешната средина преку продуктите кои ги внесуваме, па така и амалгамските полнења веќе се враќаат на голема врата како материјал на избор во стоматологијата. Доколку Вашиот стоматолог Ве советува дека во Вашиот случај амалгамското полнење (пломба) би било подобар избор, а Вас тоа естетски не ви пречи, тогаш без двоумење прифатете ја неговата сугестија, затоа што амалгамот како материјал во стоматологијата, со причина останал толку долго во употреба. amalgam

Што претставуваат афти?

Афтите, или професионално наречени Stomatitis aphtosa reccurens, претставуваат мали улцерозни промени (чирчиња-ранички) кои се појавуваат во устата и кои се сосема безопасно и незаразно заболување.
Симптоми. Еден до два дена пред да се појават, пациентот чуствува жарење и пецкање во регијата каде се развива лезијата. Се појавуваат како мали (до 5мм) чирчиња, со црвен раб и бело-жолтеникаво дно. Најчесто се појавуваат на врвот на јазикот, на лигавицата под јазикот, образната лигавица, многу ретко на непцата, а никогаш надвор од устата. Не се пренесуваат од човек на човек, и најчесто се јавуваат за време на стресни периоди, пад на имунитетот, недостаток на витамини итн. Акутната – болната фаза им трае 5-7 дена, а целосно се излекуваат за 14 дена. Пациентите се жалат на остри, жаречки болки кои се потенцираат при јадење, посебно на лута и солена храна.

Терапија обично не е потребна, промените се губат без никакви последици. Вашиот стоматолог, доколку е потребно, ќе ви препорача некои локални медикаменти, за ублажување на симптомите.

Забелешка. Погоре наведените симтоми и терапија се однесуваат на обичните-минорни афти, кои се и најчести. Доколку забележите ранички во устата кои отстапуваат од горенаведените критериуми (поголеми од 5мм, нерамни рабови, различна локализација, подолго траење итн.) обратете се кај Вашиот стоматолог за консултација и преглед.

afti

Што претставуваат ерозии на забите?

Ерозиите претставуваат некариозни трошења на забното ткиво, што значи дека не се предизвикани од микроорганизмите кои го предизвикуваат кариесот. Овие дефекти настануваат поради трошење на емајлот-глеѓта (најцрврстата супстанца кој ја покрива круната на забот), настанато под дејство на киселини. Тие киселини најчесто потекнуваат од надворешната средина (овошни сокови, киселини,) или пак од медицински (внатрешни) причини : гастро-езофагеален рефлукс, намалено лачење на плунка или често повраќање (нарушувања во исхраната – анорексија и булимија).

Симптоми. Прво што ќе забележи пациентот е жолтеникаво пребојување на местото каде настанува промената (поради изложувањето на дентитнот кој е пожолт од емајлот). Со тек на време пациентот почнува да чуствува болни сензации на термички дразби (топло и ладно), а кога трошењето ќе напредне, веќе се забележуваат и дефекти на забите. Промените се широки со мазно и цврсто дно, со жолтеникава боја. Доколку стоматологот забележи вакви промени кај својот пациент, веднаш треба да ја побара причината, и доколку е медицински проблем, да го препрати во институции каде ќе може да го излечи основното заболување. Доколку причината за настанувањето на ерозиите е преголемото конзумирање на кисели напитоци, треба да се советува пациентот поретко да ги пие истите. Додека не се отстрани причината, пациентот се советува киселите напитоци да ги пие со цевка (за да не стапуваат во контакт со забните површини). Исто така се советува дека не треба да ги четка забите веднаш после конзумирање на киселите напитоци или после повраќање. Истото треба да го прави 2 часа после тоа, затоа што во тоа време забното ткиво е размекнато од страна на киселината, а со употреба на четка во тој период може само да го влоши трошењето на забната супстанца. erozii

Како против лошиот здив?

Лошиот здив, или стручно познат како халитоза, претставува забележителен непријатен мирис кој се испушта од устата при издишување. Лицата кои патат од овој проблем, обично се социјално повлечени лица, кои избегнуваат контакт со другите токму поради непријатноста која ја чуствуваат поради својот проблем. Во мал број од случаите лошиот здив во позадина може да крие некое посериозно заболување, односно лошиот здив да се јавува како негов сипмтом (заболувања на црниот дроб, воспаленија на горни дишни патишта, карциноми, шеќерна болест, бубрежна инфекција или други заболувања на бубрезите, регургитација на желудочна содржина и некои други метаболни нарушувања,). Во тој случај, Вашиот стоматолог ќе Ве испрати кај општ лекар, за да направите некои дополнителни испитувања.

Во најголемиот дел од случаите (85-90%) причините за лошиот здив потекнуваат од усната празнина и многу лесно можат да се одстранат со соодветни тераписки постапки или едноставни совети од страна на вашиот стоматолог. Најчестите причини за лош здив се токму и најчестите заболувања: кариесот и пародонталната болест. Имено бактериите кои ги предизвикуваат, во комбинација со остатоците од храна кои се задржуваат на тие места, формираат разградни продукти кои имаат непријатен мирис. Исто така и јазикот со својата карактеристична кадифена текстура е место на кое често се задржуваат остатоци од храна и разгради продукти. Конзумирањето на некои намирници (лук, кромид, месо, риба), пиењето кафе и алкохол, како и пушењето цигари често се причинители на лош здив. Честата и правилна орална хигиена (четкање на забите, во комбинација со употреба на меѓузабен конец и водички за испирање) обично се доволни за отстранување на лошиот здив. Тука мора да се напомене дека и четкањето на јазикот (со помош на четката за заби, или со посебни чистачи за јазик) треба да ни биде секојдневна навика. Вашиот стоматолог ќе Ви помогне да ја откриете причината за лошиот здив, и доколку има потреба ќе спроведе тераписки постапки за нејзино отстранување, или ќе ви даде совет како тоа самите да го направите.

Што се импланти и кога се препорачува нивната употреба?

Самиот збор “имплант” претставува вештачка замена на некој дел од оргаизмот кој е веќе изгубен. Денталниот имплант, следствено на ова, претставува замена за веќе изгубениот заб. Низ историскиот развиток на денталните импланти се појавиле голем број на форми на импланти, но она што во денешно време најчесто се користи се имплантите кои имаат форма на коренот на забот, односно, кои го заменуваат изгубениот корен на забот и се вградуваат во самата коска на местото на кое претходно бил сместен коренот на забот. Се изработуваат од титаниумски легури кои се потполно биокомпатибилни (што значи дека не делуваат штетно на организмот). Денталните импланти се остеоинтегративни, што значи дека се поврзуваат со коската во која се вградуваат.

Денталните импланти се вградуваат со помош на минимална хируршка интервенција која е изведена и раководена од специјалисти по орална хирургија кои се дополнително едуцирани за околу оваа проблематика. Откако ќе се постават имплантите, после одредено време (потребно за имплантот да се остеоинтегрира-да се поврзе со коската) над нив се изработуваат протетски конструкции кои естетски ќе ја корегираат Вашата насмевка, и од состојба на беззабост ќе ве доведат до состојба на совршена насмевка.

implanti

Кога да се изведе првиот стоматолошки преглед на моето дете?

Првиот контакт на Вашето дете со стоматолошкиот тим и стоматолошката ординација претставува можеби најважната посета во неговиот живот, затоа што  од начинот на кој ќе ја доживее таа посета, зависи понатаму каков ќе биде неговиот однос кон оваа професија целиот свој живот.

Првиот стоматолошки преглед најдобро е да се направи откако детето ќе наполни 1 година, односно 6 месеци откако ќе изникне првото запче, секако доколку пред тоа нема некоја друга причина за посета на стоматолог.

Првиот стоматолошки преглед се состои само со запознавање на детето со стоматолошкиот тим (доколку има потреба и без мантили), и не содржи никакви или минимални терапевтски постапки (премачкување на забите со флуорови препарати, чистење на меки наслаги), и секако доколку има потреба се закажува следна стоматолошка посета.

prv-pregled

Колку често треба да го посетувам мојот стоматолог?

Поради зачестеноста на кариесот и пародонтопатијата на светско ниво, покрај превентивни мерки со цел да се спречи настанувањето на овие заболувања, голем акцент се става и на честите и редовни контролни прегледи. Затоа, наша препорака е, контролните прегледи да ги правите на секои 6 месеци, а Вашиот стоматолог ќе се погрижи да ги открие раните оштетувања на Вашите заби и непца, и навремено и соодветно да ги истретира. Доколку сами забележите промени на Вашите заби (темни или бели пребојувања, нарушување на континуитетот на забот, лош здив од устата, или пак болка) или пак забележите некарактеристична боја на Вашите непца (розева-нормално, црвена-болно), забележите болка или пак крварење од непцата при четкање на забите, Ви препорачуваме веднаш да го посетите Вашиот стоматолог, каде навремено ќе в бидат решени Вашите проблеми, а со тоа ќе се заштитите од понатамошни компликации.


 


footer_logo Универзитетски Стоматолошки Клинички Центар: „проф. д-р Бојо Андрески“
Работно време:  секој работен ден и викенди од 08 до 20 часот.
тел.:   +389 2 320 20 22  |  www.eurmdentalcenter.mk  |  contact@eurmdentalcenter.mk

Copyright © 2017. EURM Dental Center. Designed by © Elco M | www.elco.eu.mk |